Вовед
Почитувани,
Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ Скопје, со цел правилно и објективно информирање на јавноста за изградбата и идното функционирање на Рударскиот комплекс за производство на катоден бакар Казандол и неговото влијание врз животната средина и здравјето на луѓето, сакаме да информираме за повеќе моменти и аспекти поврзани со нашата работа во Рударскиот комплекс за производство на катоден бакар Казандол.
Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ Скопје е основана во 2014 година од странски инвестиции со цел да придонесе за развојот на рударската индустрија во Македонија која во современиот свет е основата на бруто домашниот производ и потенцијал за севкупниот стопански развој, но истовремено и за развојот и примената на сите најсовремени мерки и најдобро достапни меѓународни техники и практики за заштита на животната средина и здравјето на луѓето, како и за подигањето на свеста и културата на граѓаните за значењето на заштитата и одржувањето на здравата животна околина за сегашните и идните генерации.
Заради успешно остварување на овие принципи и постигнување на практични резултати, Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје во практика ги применува најдобрите стандарди и начелата за заштита на животната средина, со преземање на соодветни и ефективни мерки за избегнување на негативните влијанија врз животната средина и социјалните влијанија преку:
- интегрирање на заштитата на животната средина и на социјалните мерки во сите свои активности во рамките на законодавството на Република Македонија, Европското и Светското законодавство, најдобрите меѓународни практики и најдобрите достапни техники и практики.
- воспоставување на критериуми за реализација на мерките и активностите за заштита на животната средина и социјалната политика;
- дефинирање на својата улога и одговорност со цел постигнување резултати во согласност со овие принципи и критериумите за нивната практична реализација;
- спроведување на процеси за проценка и следење на заштитата на животната средина и на социјалните прашања со цел со сигурност да се утврди дека Рударскиот комплекс Казандол е одржлив проект во однос на социјалните прашања и прашањата за заштита и управување со животната средина;
- почитување на правата на работниците и на засегнатите страни и
- имплементирање планови, програми и процедури за заштита на животната средина.
Воспоставувајќи високи критериуми во своето работење преку имплементирање на системот за управување со квалитет ISO 9001 и стандардот за управување со животна средина ISO 14001 а со цел идентификување на сите можни влијанија врз околината и здравјето на луѓето, се создаде систем на спроведување на воспоставени процедури за мониторинг и за управување со вонредни состојби кој превентивно спречува настанување на можни опасности и ризици од секаков вид.
Раководејќи се од овие цели, Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ Скопје воспостави основни и трајни принципи кои се темелат на начелото за обезбедување на одржлив економски развој во регионот, социјална одговорност и заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
Компанијата гордо истакнува дека овие принципи во своето работење практично и секојдневно ги реализира со примена на постулатите за:
- законитост, односно целосно почитување на законските прописи, процедури и регулативи и стандарди од ЕУ легислативата,
- транспарентност, односно транспарентно работење на компанијата и отвореност кон месното население и сите заинтересирани граѓани, за детално објаснување на процесите и функционирањето,
- одговорност, односно функционирање во контекст на општествено одговорна компанија во чиј фокус е одговорното работење на компанијата во сегментот на заштита на животната средина, здравјето на луѓето, грижа за околината и вработените и ефикасно и модерно производство.
Овие постулати се основа на нашата интенција како компанија за еколошка безбедност, економска ефикасност и социјална одговорност, како три неразделни компоненти на политиката на нашата компанија.
Почитувајќи и доследно применувајќи ги овие постулати, Компанијата ги спроведе сите законски постапки за добивање на сите потребни дозволи и одобренија за изградба на Рударскиот комплекс за производство на катоден бакар Казандол, како и за отпочнување со експлоатацијата на минералните суровини.
После добивањето на три концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини на локациите Казандол-Валандово, Плавуш-Валандово и Петрошница – Старо Нагоричане, во 2014 година Компанијата ги заврши деталните геолошки истражувања на концесијата Казандол и со изготвениот Елаборат за Детални Геолошки Истражувања, за кој е добиена позитивна ревизија од Геолошкиот Завод на Република Македонија, се докажа постоење на рудни резерви на бакар кои се технолошко-економски оправдани за експлоатација - предуслов за добивање на Концесија за експлоатација.
После овој процес, во март 2015 година Владата на Република Македонија на Компанијата и додели Концесија за експлоатација на минерални суровини на локалитетот Казандол.
Паралелно со ова како одговорна компанија изготвивме Студија за оценка на влијанието врз животната средина, во која се предвидени условите под кои може да се проектира Рударскиот Комплекс со примена на најдобро достапните техники и практики со цел за спречување на сите негови евентуални несакани негативни влијанија за која беше спроведена и јавна и транспарентна постапка за одобрување на реализацијата на Проектот.
Во рамките на оваа постапка, Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ Скопје во 2015 година во Домот на Културата во Валандово спроведе јавни расправи на кои детално беа разгледани сите прашања и аспекти за влијанието на Рударскиот комплекс Казандол врз животната средина и на која жителите на Валандово масовно и активно учествуваа, поставуваа прашања и ги добија сите потребни и барани одговори и информации.
По завршените јавни расправи и извршената сеопфатна ревизија на Проектот од страна на стручна комисија, Министерството за животната средина го одобри Проектот и издаде дозвола за негова реализација во согласно со позитивните законски прописи во Република Македонија.
Дополнително, и покрај добиеното одобрение на Проектот и исполнувањето на сите законски прописи, Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ Скопје како одговорна компанија водејќи се од своите основни принципи за заштита на животната средина и здравјето на луѓето, по сопствена иницијатива нарача независна стручна еколошка ревизија на Проектот која беше извршена од реномираната Финска Компанија ПОИРИ.
Финска Компанија ПОИРИ е една од најпознатите специјализирани компании во светот за оценка на влијанијата на рударските проекти врз животната средина, која повеќе од 5 децении е еден од водечките брендови во консалтинг менаџментот за инжинеринг и животната средина и на годишно ниво реализира над 10.000 проекти насекаде во светот во над 20 различни области. Станува збор за компанија која има проекти во Финска, Шведска, Германија, Австрија, Швајцарија, САД, Бразил, Русија... Токму оваа компанија даде позитивен заклучок за Проектот, како и предлози за подобрување на еколошката безбедност со примена на најсовремените прописи на Европската Унија за еколошка безбедност коишто Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ Скопје ги имплементира во проектирањето на Комплексот, што претставува дополнителен доказ и потврда за посветеноста што како компанија ја имаме во сегментот на заштита на животната средина.
Силно фокусирани на избор на висококвалитетна и современа опрема, во Рударскиот комплекс Казандол е проектирана примена на најсовремената опрема на компанијата ОУТОТЕК (Финска), која што е позната не само по нејзината ефикасност и современост туку и според високата еколошка безбедност. Станува збор за опрема што се користи во бројните фабрики во Европа и ширум светот, а меѓу другото и во Финска, која што крајно внимателно ги третира прашањата на екологијата и е држава која во светот го зазема првото место во заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, а истовремено е земја во којашто основата на БДП се темели на рударската индустрија, вклучувајќи и ископ и производство на производи од бакар и злато.
Истовремено, Проектот за изградба на Комплексот не само што ги исполни највисоките критериуми на сите еколошки ревизии, туку и критериумите на високо стручната ревизија за сеизмичка стабилност извршена од ИЗИИС.
Врз Проектот за изградба на Рударскиот комплекс е извршена и стручна ревизија од Министерството за транспорт и врски, а на Рударскиот проект е извршена стручна ревизија од Министерството за економија и Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ Скопје ги доби сите потребни дозволи за изградба на Комплексот и за експлоатација на минерални суровини. Компанијата усвои и применува повеќе акциони планови, програми и мерки кои се задолжително предвидени со законската регулатива на Република Македонија, Европската и светската законска регулатива, како и такви коишто не се предвидени како облигаторни, од кои посебно ги издвојуваме:
- Акционен план за контрола на бучава,
- План за спречување на истекување, контрола и против мерки,
- План за управување со отпадни води,
- План за управување со води,
- План за управување со отпад од минерални суровини,
- Програма за управување со отпад,
- План за дејствување во вонредни состојби,
- Стандардна оперативна процедура,
- План за безбедност и здравје при работа,
- План за управување со експлозии,
- План и секторски програми за мониторинг,
- Акционен план за идни обврски и активности,
- Концепт план за затворање на рудникот
- Оцена на општествените влијанија и
- План за взаемно дејство со засегнати страни.
По добивањето на сите дозволи и одобрувањето на сите потребни студии и планови август 2016 година по одржаната свечена церемонија на поставување камен темелник отпочна официјалната изградба на Комплексот.
Како резултат на сите досега превземени активности, вредноста на инвестицијата се очекува да достигне околу 35 милиони евра, при што иницијално во системот на заштита на животната средина проектирана е инвестиција во износ од 2,5 милиони евра.
Во текот на експлоатацијата Компанијата планира да одвојува дополнително по околу 50 илјади евра годишно за заштитата на животната средина а на крајот од експлоатацијата на Рудникот предвидуваме и дополнителни инвестиции во оваа област во вредност од околу 1.2 милиони евра.
Проектот за затворање на Рудникот е целосно изработен, а финансиските средства за спроведување на овие активности Компанијата ги предвиде со цел по завршувањето на експлоатацијата, локалитетот да го доведе во уште поидеална здрава и еколошка природна средина.
Отворањето на Рударскиот комплекс Казандол и отпочнувањето со работа на Комплексот ќе резултира и со влијание врз економијата во Валандово. Покрај директните околу 200 вработувања на месното население од најразлични степени на стручна подготовка по разните законски дефинирани надоместоци и даноци, годишно во општина Валандово од Рударскиот комплекс Казандол би се слевале дополнителни во просек од 400 до 500 илјади евра, односно околу половина милион евра финансиски средства кои секоја година општината ќе може да ги користи за подобрување на условите за живот во Валандово и населените места во општината, преку реализација на инфраструктурни и останати проекти од значење за граѓаните. Ова е само еден сегмент без земање во предвид на платите кои би се исплаќале на вработените и кои би имале влијание во локалната економија во општината.
Објективно согледувајќи и внимателно анализирајќи ги сите наведени факти, ќе се согласиме дека реализацијата на Проектот Рударски комплекс Казандол може да има само позитивен ефект во севкупниот развој на Република Македонија и Општина Валандово, а со оглед на воспоставените и општоприфатени еколошки принципи во работењето на Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ Скопје чија што основна претпоставка е заштитата и одржувањето на здравата животна средина и здравјето на населението, неспорно е дека Компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ Скопје доследно ја продолжува традицијата на Валандовскиот регион како еколошки природен и земјоделски регион.
Сето ова претставуваат факти за Рударски комплекс Казандол. Ние како компанија која од првиот ден на нашето доаѓање во Република Македонија отпочнавме директни средби со граѓаните на Валандово. Во тој контекст организиравме голем број на средби со локалното население на кои граѓаните ги запознававме со сите аспекти од изградбата и функционирањето на Рударски комплекс Казандол. На тие средби сите прашања од граѓаните беа детално објаснувани од страна на стручни лица познавачи на оваа област и докажани професионалци во своите професии. Дополнително, во насока на продолжување на континуитетот на комуникација со граѓаните како компанија имаме отворено и канцеларија за средби со локалното население и секоја среда од 10 до 12 часот во нашата канцеларија во Пирава секој заинтересиран граѓанин или претставник на било кое здружение може да дојде и да побара одговор на сите прашања и дилеми поврзани со работата на Рударски комплекс Казандол.
Во насока на детално информирање на јавноста и сите заинтересирани граѓани како Компанија сакаме и во оваа прилика да одговориме на дел од прашањата и дилемите поврзани со работењето на Рударски комплекс Казандол.
Најчесто поставувани прашања и дилеми поврзани со работата на Комплексот Kазандол
1. Дали при процесот на ископување на рудата и при минирање на окното со експлозив дневно ќе има безброј детонации, кои ќе предизвикуваат потреси?
Главниот Рударски проект на наоѓалиштето „Казандол“ ја пресметува и ја утврдува фреквенцијата на минирањето и при тоа е предвидено во текот на првите 3 години од работата на рудникот, имајќи предвид дека карпите во горниот дел на наоѓалиштето се силно напукнати и можат да се ископуваат со екскаватор без примена на експлозивни средства, се претпоставува дека количината на минирањето ќе биде минимална. Нашите специјалисти во овој период не очекуваат повеќе од 1-2 минирања месечно. Минирањето ќе се врши соодветно со законодавството на Европската Унија, според норми што целосно го исклучуваат било какво влијание врз сеизмичката активност на областа или предизвикување на потреси, на земјиштето и објектите. Дополнително напоменуваме дека и тие минимални минирања ќе бидат усогласувани во термини во соработка со локалната заедница и дека Рударскиот проект за наоѓалиштето Казандол предвидува употреба на најсовремена технологија на средства за минирање NONEL, со којашто се минимизира бучавата и детонациите.
2. Дали детонации ќе оневозможат следење на настава во најблиските училишта?
Со оглед на Главниот Рударски проект на наоѓалиштето „Казандол“ и фактот што во рудникот ќе биде застапено минирање од мал обем и тоа еднаш до два пати во месецот потенцираме дека нема да има било какви потреси, од причина што најнапред станува збор за минирање кое ќе се врши согласно со Законот за рударска дејност и секако минирање од мал обем.
Дополнително Ве информираме дека минималното и научно потврдено растојание до зградите и градбите, коешто обезбедува заштита од влијанија во тек на минирањето, за рударски работи со мали количества експлозив, како што тоа е предвидено во Рударскиот проект за наоѓалиштето Казандол, изнесува 400 м, а во случајот со рудникот и населеното место Казандол како и со другите населени места тоа растојание неколку кратно го надминува тоа минимално растојание. Конкретно, населеното место Казандол за 2,5 пати, а останатите населени места многу повеќе. Освен тоа, предвидено е дека времето за извршување на минерските работи ќе биде усогласено со локалните заедници.
3. Дали е точно дека експлозиите во воздухот ќе разнесуваат прашина и сулфурна киселина?
Најнапред потенцираме дека не станува збор за експлозии кои би предизвикале некои големи детонации туку станува збор за минирање од мал обем кое ќе се случува еднаш до два пати во месецот. Второ, при тој процес воопшто не може да се говори за разнесување на сулфурни киселини од причина што во процесот на минирање нема воопшто било каква киселина.
Што се однесува до прашината, потенцираме дека Рударскиот проект за наоѓалиштето Казандол предвидува употреба на најсовремена технологија на средства за минирање NONEL, со којашто се минимизира бучавата и детонациите , а исто и запрашувањето, затоа што со ваков тип на минирање нема детонација и исфрлање на рудата преку експлозија, туку само ја распукнува (ја чини ровка) во основниот масив на карпите.
Водејќи сметка за растојанието до најблиските населени места, како и за правците на ветровите, врз основа на деталното проучување на ова прашање тврдиме дека влијанието на прашината врз локалното население е целосно исклучено.
4. Дали процесот на обработка или перење на рудата ќе се одвива во специјални езера, а главен елемент во процесот е сулфурната киселина?
Одговорот на ова прашање е НЕ. Во т.н езерата нема сулфурна киселина! Во езерата кои ќе бидат изградени во рудникот како дел од производствениот процес на рудата нема сулфурна киселина. Во тие т.н езера ќе има слаб раствор на бакар сулфат CuSO4 (син камен) со концентрација на син камен во растворот од 1.5 грама на литар. Со ваква концентрација бакар сулфатот односно синиот камен воопшто не е штетен. Ова го знаат сите граѓани од причина што синиот камен се користи од граѓаните за различни намени меѓу кои и од страна на лозарите кои го користат истиот за како ефективно и ефикасно средство за борба со штетниците во лозарството. За споредба, при прскање на земјоделските култури покрај различните пестициди и фунгициди како почисто средство се користи раствор од 1% бакар сулфат CuSO4 (син камен) или тоа во пракса е околу 1гр на декар при секое прскање.
5. Дали може да настане загадување на животната околина и подземните води со метали кои ќе истекуваат надвор од рударскиот комплекс?
Технологијата што се применува во проектот Казандол и технолошките решенија што се применуваат во проектот Казандол се базираат во целост на почитување на Директивите на Европската Унија и препораките на Euromines за Најдобри достапни технологии.
Напоменуваме дека овие технолошки решенија обезбедуваат работа во затворен циклус и целосно го исклучуваат истекувањето на било каков раствор надвор од границите на преработувачкиот комплекс односно од рудникот.
6. Високите температури во лето карактеристични за нашиот регион ќе доведат до значително испарување на сулфурната киселина во воздухот.
Ве информираме дека Вашата констатација е целосно неточна.
Најнапред, во интерес на ваше информирање и информирање на граѓаните сакаме да потенцираме дека во технолошкиот процес на рудникот Казандол НЕМА да се користи сулфурна киселина туку слаби раствори од сулфурна киселина. Велиме слаби раствори од причина што станува збор за раствори од 4 до 6 грама на сулфурна киселина. За илустрација и за појаснување на сите заинтересирани во контекст на создавање на слика за растворот Ве информираме дека на пример во растворот на оцетна киселина што се применува во готвењето храна се содржани 30 - 150 грама чиста оцетна киселина на литар раствор.
Во однос на испарувањето, потенцираме дека ваквите раствори на сулфурна киселина имаат температура на испарување од 102 степени Целзиусови а максималната забележана температура во Валандовскиот регион изнесува 45 степени. Така што испарувањата на слабите раствори од сулфурната киселина се физички невозможни и соодветно, кисели дождови од истите причини се невозможни.
7. Дали работата на рудникот ќе има негативно влијание врз земјоделското производство кое е карактеристично во овој регион?
Како компанија која од првиот момент кога започна да работи во Валандово максимално посветено пристапуваме кон промоција на здравите и квалитетни земјоделски производи од овој регион. И тоа претставува богатство на регионот кој со работата на рудникот воопшто нема да биде допрено. Ова го велиме од причина што нема да има било какво загадување од рудникот кое ќе предизвика загадување на почвата или земјоделските производи.
Нема да има било какво загадување на водата која би се користела за наводнување на квалитетните земјоделски производи и воопшто нема да има прашина или загадување на воздухот што на било кој начин негативно би се одразило на земјоделското производство.
Во технолошкиот процес во рудникот ќе се користи слаб раствор на бакар сулфат (син камен) кој ниту ќе испарува ниту ќе стигне до земјоделските површини, а Вие доколку сте земјоделец сигурно знаете дека синиот камен воопшто не е штетен за земјоделските култури бидејќи истиот го користите во земјоделската дејност. Напоменуваме, дека врвен приоритет на нашата компанија е задржување и дополнителен развој на производството на здравата храна и здравите земјоделски производи за што и во следниот период ќе работиме на промоција насекаде во светот.
8. Дали езерата полни со вода и концентрирана сулфурна киселина ќе се полнат од веќе направени бушотини и дали е точно дека водата користена во огромни количини за овој процес е 1 класа на вода односно вода за пиење, со што со користење на таа вода сите индивидуални земјоделци во валандовско поле ризикуваат да ја изгубат водата на своите ниви кои ја користат за наводнување на веќе постоечките бушотини, и единствено зависни ќе бидат од системот за наводнување на Водна заедница Валандово која користи загадена вода од реката Вардар?
Тезите изнесени во вашето прашање се неточни. Како прво, во технологијата на рудникот никаде нема да се користи концентрирана сулфурна киселина туку се користи слаб раствор од 4-6 грама на литар.
Како второ, водата не се користи во огромни количини за технолошкиот процес, бидејќи самиот процес е затворен, така што по првичното полнење на системот натаму не е потребно големо количество на вода.
Како трето, во проектот Казандол водата се користи само за надоместување на загубите и оросување на патиштата, за намалување на прашината до прифатливо ниво (помалку, отколку што се создава прашина при движењето на земјоделската механизација). За тоа се издупчени два артерски бунари на длабочина над 100 метри, што е далеку подлабоко од сите постојни бунари. Соодветно, проектот Казандол користи вода од подлабоките водени хоризонти отколку жителите и земјоделските производители на Валандово. Внимателно изработениот Хидрогеолошки проект го исклучува влијанието на бушотините од проектот Казандол врз постојните бунари. Освен тоа, проектот предвидува постојан мониторинг на нивото и хемискиот состав на подземните води, за што соодветно со Законот се поставени соодветни пиезометри односно контролни точки.
Како четврто, водата од артериските бушотини на проектот Казандол не е питка, за што постои официјален заклучок на стручњаци и соодветни хемиски анализи и тоа врз основа на заснован врз резултатите на анализа на водата, што значи дека рудникот нема да троши вода која би можеле да ја трошат земјоделците.
9. Дали постои опасност од загадување на почвата со сулфурна киселина, во случај на хаварија невреме, земјотрес, излевање на езерата и слично?
Не, таква опасност не постои од причина што сите објекти на проектот, вклучувајќи ги езерата, градбите и зградите се пресметани за СИТЕ случаи на природни катастрофи. Така, капацитетот т.е. обемот на езерата е пресметан за максимални поплавни води, сите резервоари, предвидени за чување на слабите раствори од сулфурна киселина се сместени во посебно подготвени објекти, покриени со хидроизолација и со посебен антикиселински премаз, коишто се пресметани за максимално задржување на растворите од сулфурна киселина. Сите згради и градби се пресметани и изградени со водење сметка за максимална издржливост и безбедност од можните случаи на земјотрес. На овој начин исклучени се сите претпоставени излевања или било каква штетност од рудникот во случај на било каква елементарна непогода.
Public hearings
Documents
A brief extract from the approved EIA Study for mining complex Kazandol Download: |
Study of the Environmental Impact Assessment: Mine Complex for Copper Cathode Production - "Kazandol", Valandovo, Macedonia Download: |
Social Impact Assessment: Mine Complex for Copper Cathode Production - "Kazandol", Valandovo, Macedonia Download: |
Opinion by the Ministry of Environment and Physical Planning Download: |
Feedback form